Научи танго!

Пријави се за бесплатни часови! Не ти е потребен партнер/ка – понеси само добра волја и желба да научиш нешто. Пиши ни маил на tango.mkd@gmail.com
кликни за повеќе...

Friday, October 2, 2015

Како да си бидеш танго учител самиот себеси

Кога држиме часови јас како учител може на моите ученици да им покажам каде е вратата - но, да влезе во неа може само секој од нив самиот.

Пишувајќи за тоа како да се снајдеш во танго заедницата препорачав дека е многу важно самиот да си бидеш свој учител. Оваа препорака таму беше објаснета во кратки црти, но после мало размислување сфатив дека таа заслужува да биде опишана малку подетално. И така се роди овој пост.

Еве пет нешта на кои треба да обрнеш внимание ако сакаш самиот себеси да си бидеш учител во тангото.

1. Биди свесен за процесот на учење – Кога јас учев да танцувам доаѓав до моменти кога бев толку незадоволен од тоа како напредувам, што на моменти сериозно размислував да се откажам. Сметав дека немам талент за танго. Единствено нешто што ме задржа беа зборовите на поддршка и охрабрување што ми ги даваа партнерките и пријателите и за тоа сум им неизмерно благодарен. Овие моменти на слабост, овие кризи, доаѓаа одвреме навреме и со секоја наредна јас сфаќав зошто тоа се случува.

Во постов, ќе се обидам тоа да го објаснам за оние што сега почнуваат. Кога учиш да танцуваш секогаш најпрвин знаењето го добиваш во умот: најпрвин сфаќаш што и како треба да направиш, ја имаш идејата и замислата. На телото му треба извесно време и вежбање за да може да го направи она што умот ќе го замисли. Тоа значи дека умот учи многу побрзо од телото.

Поради сето ова, оној што учи танго често доаѓа во ситуација умот да знае, а телото да не знае. Во главата сфаќаш како треба, ама со телото тоа не можеш да го направиш. Оваа разлика, резултира со криза и разочарување. За да не се случува оваа криза, треба да бидеш свесен за тоа дека овие разочарувања, оваа разлика меѓу умот и телото, е нормален дел од процесот на учење. Уште повеќе, овие моменти се показ дека ти всушност напредуваш. Ако умот веќе сфатил, само прашање на време е кога и телото ќе почне да го следи она што умот го замислил.

Затоа, секогаш кога ќе се исфрустрираш затоа што нешто не можеш да го направиш, треба да бидеш среќен. Твојот ум се издигнал за ниво повеќе, отишол чекор понапред, ти си научил нешто – и токму тоа е причината зошто не си задоволен со тоа како твоето тело танцува.

Кога телото ќе успее да го достигне она што умот го замислил, тогаш ќе настапи задоволство, ти ќе бидеш среќен затоа што чувствуваш дека танцуваш онака како што треба. Ако трае долго оваа ситуација на изедначување на тоа како умот замислил и како телото танцува, треба да бидеш свесен дека стагнираш.

2. Истренирај го умот – Но, како да напредуваш, ако дојдеш до момент на стагнација? Истренирај го умот. Танцот се случува во умот и срцето, не во телото. Телото е само еманација на мислата. Затоа многу често на моите ученици им кажувам дека човекот може да го запознаеш многу добро преку начинот на кој танцува.

Сето ова значи дека процесот на учење танго 80% се случува во умот. Како да го направиш тоа? Тангото е танц кој што еволуирал, не е измислен во главата на некој генијалец. Сѐ што правиме кога танцуваме има причина. Кога ќе ги научиш тие причини, ќе ти биде многу полесно да го надградуваш знаењето. На пример, хирото (вртењето) настанало како резултат на немањето доволно простор за танц по линија.

Тоа значи дека фигурите што ги правиме се само решавање на проблем, а не уметничка креација: како да направиш движење во мал простор, а притоа тоа да биде убаво и музикално. Тоа значи дека немаш неограничен број на опции што можеш да правиш, ние не правиме уметничка креација, ние решаваме проблеми. Тангото е повеќе математика отколку што е уметност.

На многумина им пречи тоа што моите ученици ги обесхрабрувам да гледаат видеа со танго ѕвездите кои настапуваат по разни фестивали, но тоа го правам за да им помогнам побргу да научат. Најголемата грешка што можеш да направиш е да гледаш премногу видеа со сценски настапи. Тоа ќе ти го расипе критериумот за тоа што е убаво, а што практично – убавото и практичното во танцот се неразделно поврзани. Она што го правиме кога танцуваме мора истовремено да е и елегантно и изводливо во услови на милонга каде што имаш ограничен простор. Сценските играчи обично имаат огромен простор и затоа нивните фигури се непрактични.

Колку и да се убедуваш себеси дека правиш разлика меѓу сцена и подиум, меѓу шоу и социјално танго, самиот акт на гледање видеа влијае на твоето размислување и твоето толкување на музиката. Гледајќи видеа ти го поместуваш твојот критериум да биде блиску до оној на танго уметниците, сценските танчери и со тоа твојот стил станува непрактичен на милонга.

Наместо тоа, јас препорачувам колку што може повеќе да гледаш видеа од настапи на старите милонгероси. Тие нивниот стил го развиле на милонгите, а не на сцена. Да се разбереме, и старите милонгероси (а и помладите кои танцуваат слично на нив) кога имаат настапи всушност повеќе прават шоу отколку што танцуваат. Разликата меѓу нив и сценските играчи е тоа што старите милонгероси нивниот стил го развиле на милонгите и практиките, додека сценските вежбаат и по 8 часа на ден за да изведат некоја фигура на сцена. Првите танцуваат практично и елегантно, вторите егзибионистички и атрактивно.

Затоа, ако сакаш да изградиш критериум гледај видеа со старите мајстори. Еве некои од нивните имиња, оние од кои и јас сум учел: Ricardo Vidort, Tete Rusconi, Blas Catrenau, Nestor La Vitola, Ricardo Franquelo, Eduardo Masci, Alberto Dassieu, Cacho Dante, Horacio Prestamo, El Chino Perico и други. Јас си ги даунлодирам видеата од Youtube и си имам во лаптопот цела библиотека со фолдери за секој овие, кои се еден вид мои учители.

Самиот акт на гледање го тренира твојот ум и тоа е многу важно за твојот напредок. Овие препораки најмногу важат за машките затоа што, и покрај фактот што на стилот на танц многу влијае и темпераментот на девојката, стилот на парот најмногу зависи од стилот на мажот.

Што се однесува на девојките, тие може да го поправат своето танцување со тоа што ќе се фокусираат на начините на комуникација со партнерот, односно, нивната прилагодливост на различни типови партнери. Малкумина се свесни колку девојката може да влијае на начинот на комуникација. Всушност, според мене, начинот на комуникација во танго го дефинира девојката и за тоа планирам наскоро да пишувам пооопширно, тоа заслужува посебен пост. Засега, само сакам на девојките да им препорачам да се фокусираат на тоа да го истренираат умот на тоа да ја подобрат комуникацијата со партнерите додека танцуваат.

3. Истренирај го телото – Како што веќе споменав погоре, процесот на учење е најпрвин умот, потоа телото. Оние што читале малку од историјата на тангото, знаат дека оригиналниот начин на кој учеле танго во Буенос Аирес во Златното доба дијаметрално се разликува од оној што се користи денес. Разликата е во начинот на кој се стекнуваат знаењата.

На практиките во Златното доба немало учители и најчесто немало жени. Жените вежбале дома со своите мајки и сестри. Машките вежбале меѓу себе.

Обично првата година мажот ја посветувал на совладување на женската техника и играл со поискусните како жена. Откако ќе поминел овој период на иницијација тој почнувал да ја учи машката улога. Многу малку од играчите се специјализирал во вербално пренесување на знаењето. Ако сакаш да му покажеш на некој на помлад играч, го земаш и го изведуваш чекорот со него. Не му објаснуваш како се води, туку тој самиот го чувствува тоа додека го водиш. Сето ова значи дека знаењето се пренесувало преку телото, а не преку умот.

Денес ние учиме преку умот и треба да му оставиме на телото малку време за да го сфати тоа што треба да го направи. Трпението во овој процес е твојот најголем сојузник.

Доколку не можеш да направиш нешто нема да ти помогне ако одлучиш да потрошиш многу време на вежбање. Тангото не функционира така. За да направиш фигура која сега не можеш, треба да се вратиш на поедноставните фигури и да ги усовршиш, па кога ќе бидеш зрел, ќе можеш да ги правиш покомплицираните.

Секако, треба да знаеш каде е твојата грешка, а за тоа најмногу може да ти помогне тренингот на твојот ум и добриот учител. И да, снимај се и гледај како танцуваш. Доколку си го истренирал умот добро, самиот ќе може да препознаеш што е добро, а што лошо гледајќи се како танцуваш.

4. Враќај се на основата – Размисли како расте едно дрво. Кога почнува неговото стебло е тенко, и долу во близина на коренот и горе каде што наскоро ќе се разграни бујна крошна. Но, кога ќе почне да расте крошната, растењето на стеблото долу, во близина на коренот не престанува. Дрвото расте целосно, во сите делови.

Така треба да е и со танцот. Ти може да учиш нови фигури, но никогаш немој да заборавиш да се враќаш одвреме навреме на основите. Најважно од сѐ, никогаш немој да престанеш да го усовршуваш своето чекорење.

Многу често на моите ученици им го споредувам чекорењето со акцентот – на пример некој може да научи фински јазик совршено, да има речник побогат од Финец, но Финците сепак ќе препознаваат затоа што има лош акцент. Начинот на кој чекориш е како и начинот на кој ги изговараш зборовите – ако знаеш убаво да чекориш секој ќе знае дека си добар танчер, дури и кога нема да правиш комплицирани фигури – ако знаеш добро да ги изговараш зборовите, може да помислат и дека си Финец, дури и да не знаеш многу зборови.

5. Не биди суетен – Од искуство знам дека кога танцуваш танго, на површина испливуваат најдобрите и најлошите особини што се во тебе. Не само во танцот, туку и во твоите односи во танго заедницата. Оваа магија што ја прави тангото е позитивна, затоа што те соочува со тоа што навистина си и ти дава можност да се усовршиш.

Кога учиш танго, впрочем и било што друго, најлошото нешто што може да го направиш е да почнеш да мислиш дека знаеш сѐ. Таквите никогаш не научуваат и обично се најлошите танчери, како според движењата на телото, така и според енергијата што ја носат кон партнерот и кон милонгата.

Затоа, одвреме навреме биди самокритичен и не дозволувај егото да те заслепи. Убаво е ако имаш пријател од танго кој понекогаш ќе знае да те спушти на земја. Цени ги таквите пријатели, затоа што тие ќе ти помогнат твоето танго искуство да биде многу поубаво.


автор: Ивица Антески

No comments:

Post a Comment