Научи танго!

Пријави се за бесплатни часови! Не ти е потребен партнер/ка – понеси само добра волја и желба да научиш нешто. Пиши ни маил на tango.mkd@gmail.com
кликни за повеќе...

Wednesday, September 16, 2015

Прирачник за преживување во танго заедницата

Кога почнав да танцувам танго бев збунет. Немав класичен учител, а оние што ги имав ми даваа често контрадикторни совети и лекции.

Претпоставувам дека многу од почетниците се во слична ситуација. Затоа решив некои од моите искуства да ги формулирам во шесте најважни совети за преживување на скопската танго сцена.

Тангото не е стандаризиран танц. Не постои правилен начин, постои само начин што функционира и начин што не функционира за тебе.

Поентата е следна, кога танцуваш целта ти е да направиш твојот партнер/партнерка да ужива во танцот. Сè друго што правиш треба да ѝ служи на оваа цел.

Еве ги шесте работи за кои би требало да биде свесен секој што почнува да танцува, секој што почнува да учи танго.

1. Биди си самиот свој учител – Твојот лекар може да ти даде дијагноза и да ти препорача терапија, но од тебе зависи дали ќе се придржуваш на советите и што ќе преземеш да не се разболеш повторно. Слично е и со тангото: твојот учител може да ти каже што треба да поправиш во твоето танцување и да ти даде насока, но од тебе зависи колку од тоа ќе го примениш.

Понекогаш дури ниту твојот учител не може да ти каже што ти е потребно, затоа што најважните нешта во тангото не се гледаат однадвор. Да имаш ментор и да го следиш е одлично, но уште подобро е самиот да си бидеш сопствен ментор.

Како да самиот да станеш свој учител? Еве неколку препораки:

- Прашувај - Прашувај ги поискусните што мислат за твоето танцување, прашувај ги партнерите/партнерките (внимавај притоа да не претеруваш) и барај искрена конструктивна критика. Прашувај што е она што е најдобро во твоето танцување и како да го направиш уште подобро. Врз основа на ова дефинирај на што треба да работиш. Прашај го твојот учител како да го поправиш тоа.

- Читај – Тангото се случува најпрвин во главата. Правилниот мајнд-сет, правилното размислување за она што го правиш е оснава на сè. Затоа читај колку што можеш повеќе, гледај интервјуи, размислувај, споредувај, барај одговори на дилемите кои ги имаш.

- Гледај – Луѓето се миметички суштества – тоа значи дека најчесто учиме копирајќи го она што ќе го видиме. Затоа направи си колекција на омилените видеа и гледај ги повремено. Учи со копирање, постави се во улогата на своите идоли, прави го тоа што тие би го направиле, размислувај го тоа што тие би го размислувале.

2. Изгради сопствен стил – Кога танцуваш многу е важно да бидеш препознатлив. Размисли што е она по што сакаш да те запомнат оние со кои танцуваш? Дечкото што прекрасно танцува милонга, господинот што ме исполнува со позитивна енергија, девојката што има мека прегратка, госпоѓата што прави прекрасно хиро? Ти може да играш неверојатно добро, но да потонеш во сивилото на просечноста ако нема едно нешто по кое ќе те препознаваат.

Секако дека треба да знаеш да танцуваш на секоја музика и дека треба сите елементи да ги имаш за да бидеш комплетен, но потребен ти е само еден елемент за да бидеш препознатлив. Откако ќе го одбереш тоа што ти се допаѓа и за што имаш талент, фокусирај се да го усовршиш подобро од сите други кои танцуваат. На тој начин, секогаш сите ќе сакаат да танцуваат со тебе.

3. Давај несебично – Во тангото не можеш да скриеш ништо. Не познавам друга човечка активност во која станува толку очигледен секој детал на душата. Ако имаш стравови и фрустрации додека танцуваш тие излегуваат на површина; ако си добро расположен, тоа се гледа; ако имаш лош ден или си изморен, тоа не можеш да го скриеш од партнерот или партнерката.

Независно кој од горниве примери може да се каже за некого, едно нешто не би требало никогаш да се случува – да бидеш себичен. Што значи тоа?

Тангото е танц за двајца и тој може вистински да биде прекрасен само доколку тие двајца се поврзат еден со друг и танцуваат еден со друг. Доколку не се способни да го направат тоа, танцот ќе стане исто толку бесмислен како разговор на двајца кои не слушаат што им зборува другиот, туку мислат само на она што самите го кажуваат.

Значи, секогаш танцувај за партнерот/партнерката. Давај, помагај, направи сè што можеш за да го зголемиш неговото/нејзиното уживање. Тоа ќе ти се врати неколкупати зголемено.

Овде сакам да напоменам и еден спротивен случај, кога премногу мислиш на партнеорот или партнерката – така што си блокиран и не можеш да уживаш. Оној што не ужива, не може да даде уживање.

4. Хигиената е на прво место – Ова може да се смета за продолжение на претходната препорака. Оној кој не одвоил време да се истушира пред милонга, или да ги измие забите – и дошол да танцува така небањат и немиен, е себичен. Нема понатамошни коментари.

Денес постојат милион средства за лична хигиена и е апсолутно недозволиво да смрдиш на пот или на аромите од последниот оброк. Сум слушнал секакви изговори: „Идам директно од работа, немав време“, „Идам од кафана“, „На некои луѓе треба да им простиш, природно повеќе мирисаат“... Нема изговор кој е прифатлив.

Посебна категорија се пушачите кои онака зачадени и со мирис на пепељара доаѓаат да танцуваат.

5. Прифати ги луѓето такви какви што се – Речиси и да не постои танго заедница во која нема да најдете кланови, групи, фракции и други поделби. Луѓето се делат по секакви основи и многу често едни против други кажуваат секакви работи.

Познавам многумина што се откажале затоа што овие поделби им сметале – таквите очекувале од танго заедницата да биде идилично семејство чии членови се сакаат и постојано се дружат. Тоа е илузија. Како и кај секоја група на луѓе, постојат лични нетрпеливости, поранешни врски, идни врски, идеолошки разлики и што уште не.

Моја препорака е да научиш да чуваш извесна дистанца од овие работи и да не ги идеализираш премногу работите. Заведен од слаткото чувство на танцувањето многу е лесно да се занесеш и да претпоставиш дека се луѓето подобри отколку што навистина се. Тангото е таков феномен што им помага на скиените страсти во луѓето да излезат на површина, без разлика дали се тие добри или лоши.

Затоа остани близок со биските луѓе и воспостави фер комуникација со повеќето.

6. Патувај – Не можеш вистински да ја почувствуваш сета раскош на тангото без да патуваш. Ова посебно важи за танго заедници каква што е онаа во Скопје – мали и затворени во себе. Затоа секое искуство надвор, може да ти даде нов поттик и инспирација.

Дополнително, патувањата надвор може да ти помогнат да добиеш нова перспектива, ново сфаќање за тоа што е што во твојата домашна сцена. Танго патувањата не се секогаш многу скапи. Организаторите на разни настани ќе ти помогнат да поминеш што поевтино, а често помош можеш да очекуваш и од пријателите што си ги стекнал на разни настани.

Кои се твоите искуства? Што и како од она што ти си го диживеал/а досега може да им користи на другите?

автор: Ивица Антески

No comments:

Post a Comment