Научи танго!

Пријави се за бесплатни часови! Не ти е потребен партнер/ка – понеси само добра волја и желба да научиш нешто. Пиши ни маил на tango.mkd@gmail.com
кликни за повеќе...

Wednesday, October 7, 2015

Танго прирачник за жени (1 дел): Тангото не е игра на доминација

Сакајќи да ги опишам најчестите проблеми со кои се соочуваат девојките кога почнуваат да учат да танцуваат танго решив да напишам еден пост со пет главни поенти. Но, опширноста на материјата всушност ме натера да го поделам текстот на повеќе продолженија.
Работните наслови на секоја од поентите се следниве:
  1. Тангото не е игра на доминација
  2. Танцувај со срцето, не со умот
  3. Рацете служат за прегрнување
  4. Нозете служат за срцето да не падне на подот
  5. Парот има само едно срце, твоето срце
По сè изгледа дека од секоја од овие поенти ќе излезе посебен текст. Затоа следи го блогов за да не пропуштиш некое од продолженијата.

Овие текстови се главно наменети за жени, но препорачувам да ги прочитаат и мажите, затоа што ќе им помогнат да ги сфатат подобро своите партнерки, што ќе им помогне да танцуваат подобро.

На почеток сакам да дадам уште една напомена: не велам дека е секогаш сè онака како што е напишано во текстов, туку само дека ова се заклучоците до кои сум дошол во мојата работа. Доколку некој не се согласува јас сум отворен за забелешки, но не доколку се тие необјективни и од некој кој не ги искусил работите за кои пишувам. Ставовите што овде ги опишувам се пофеминистички отколку сите феминистички ставови за тангото што сум ги слушнал целиот мој живот и затоа сета аргументација од тн „феминистичка“ перспектива ги отфрлам однапред. Таквата аргументација може да биде само резултат на размислување на некој што не се обидел да ги сфати поентите.

Во овој прв текст за проблемите и дилемите со кои често се соочуваат жените кога почнуваат да учат танго ќе пишувам за прашањето на доминацијата.

Многу од ученичките кои доаѓаат на моите часови, посебно оние силните жени, мислат дека фактот што мажот води значи дека тие треба да бидат во подредена улога. Затоа, тие, сосема погрешно, заклучуваат дека никогаш нема да научат танго, дека тангото не е за нив. Ништо не може да биде подалеку од вистината.

Тангото многу повеќе им припаѓа на силните жени, отколку на оние кои се несигурни во себе. Тоа е затоа што силните жени знаат многу подобро да вопостават комуникација, и, што е уште поважно, знаат да ја дефинираат онака како што му одговара на нивниот сензибилитет. Да станеш добра во танго, значи да станеш силна жена. Преку тангото, дури и оние што се несигурни во себе, може да најдат начин за да станат силни, самоуверени и женствени. Сум ја видел таа трансформација многупати.

Да почнеме со ред. Отсекогаш ми пречела терминологијата која, многу е тоа веројатно, потекнува од Европа. Како што вели Кристин Денистон во својата книга „The Meaning of tango“ во Златното доба Аргентинците никогаш не би рекле leader и follower, тие би зборувале за машка и женска улога. Зошто? Во тангото, како и во љубовта, не би смеело да има хиерархија – нема повластена позиција и нема некој што е од второстепено значење. За да биде тангото магичен танц се потребни двајцата.

Но зошто некои и понатаму ја користат оваа терминологија? Според мое мислење тоа се случува затоа што не ја сфаќаат суштината на комуникацијата во тангото. Точно е, додека се танцува, мажот ја смислува кореографијата и преку низа знаци со телото ја пренесува на жената - но да се заклучи дека поради тоа тој е лидер, а дека жената следи, е некоректна симплификација и вулгаризирање.

Еве три причини зошто тангото не е игра на доминација:

1. Комуникацијата во тангото мора да е двонасочна. Добар играч не е само оној што знае да ги даде вистинските знаци на вистински начин, добар играч е оној што знае „да ја прочита“ жената: како таа се чувствува во моментот, колку е напната, што ја смирува, кои фигури ѝ се лесни, а кои прават да се чувствува несигурно. Мажот мора да е фокусиран на примање информации, исто колку што мора и да дава знаци. Неговото внимание мора да биде на суптилните знаци што му ги дава жената во неговата прегратка: колку е напната, колку се меки нејзините движења, колку одговара на неговите знаци, при кои фигури реагира на каков начин... овие работи ги напоменав само за да покажам дека движењата на мажот, доколку е тој добар играч, не се произволни и не зависат само од неговата желба да направи нешто, туку во голем степен и од неговата партнерка.

Неговата кореографија „ѝ служи“ на партнерката. Тој фактички го чита нејзиниот емотивен лид и врз однова на тоа (и на уште пет шест други важни нешта како музиката, рондата и слично) одлучува кои фигури ќе ги направи.

Доколку жената почувствува дека нејзиониот партнер не се труди да ја следи, веројатно не би требало никогаш да танцува со него затоа што тој не ја почитува и танцува само за себе. Доволно е само да го игнорира неговото кабесео.

2. Мажот зависи од тебе. Мажот не може ништо да направи доколку жената тоа не му го дозволи и доколку не му помогне. Да се разбереме, не зборувам овде за помагање преку антиципирање, предвидување на следните чекори – помошта што жената ја дава е во соработката. Таа мора да направи сè што е во нејзина моќ да овозможи колку што е можно подобра комуникација од телото на партнерот до нејзиното тело, и од нејзиното тело до нејзините нозе. Колку полесно тече таа комуникација, толку полесно ќе му биде на мажот да направи магија од танцот.

Оваа соработка доаѓа од фактот дека кога двајца танцуваат имаат заедничка цел – а целта е да уживаат и двајцата. Сето ова што го кажав не значи дека жената е пасивен посматрач, тоа значи дека таа е фокусирана на други нешта, а не на физичките движења.

Кои нешта? За тоа ќе пишувам во еден од следните постови, но овде само ќе напоменам дека целта на тангото е уживањето на жената, многу повеќе од уживањето на мажот. Жената мора да научи да се препушти на музиката и да ужива во танцот. Најчесто мажот во тангото ужива во чувството дека успеал да ја направи среќна својата партнерка.

3. А кој го води мажот? Ако мислиш дека во тангото мажот е тој што води, размисли за причините што го тераат да танцува на еден начин, а не на друг. На внимателниот и искусен посматрач не може да му избега од пред очи фактот дека истиот маж танцува различно со различна партнерка. Тоа е поради тоа што различните партнерки му даваат различно чувство, а во танцот сè што правиме доаѓа од чувството. Ако мажот ги води физичките движења, жената го води неговото чувство кое ги предизвикува тие движења. Затоа често велам дека жената е емотивниот драјв на секој пар. Ако таа танцува студено, мажот ќе биде демотивиран, ако таа додаде оган, танцот ќе биде магичен. Секако дека ова оди и во другата насока, но, сепак, ова е местото што обично би требало да го контролира жената.

Сите овие поенти покажуваат дека не постои лидер кога станува збор за тангото. И мажот и жената треба да си го изодат својот дел од патот за да може парот да стигне до блаженството на танцот. Станува збор за соработка, не за хиерархија.

Забелешка: Единствен случај што според мене дозволува да ги користиш термините leader и follower е кога танцуваат почетник и искусен играч. Независно дали е искусен мажот или жената, лидер е оној што е поискусен.


автор: Ивица Антески

No comments:

Post a Comment